Лајчак: Постигнат е договор меѓу Белград и Приштина

Мирослав Лајчак објави дека Косово и Србија се договориле за деескалација на северот на Косово.

Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово, објави денеска на Твитер европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак.

„Имаме договор. По дводневни интензивни преговори штотуку е постигнат договор за деескалација и патот напред е постигнат“, напиша Лајчак објавувајќи фотографија од документ со три точки кој ден претходно беше најавен од главниот преговарач на Косово Беким Бислими.

Тој им се заблагодари на преговарачите од Србија и Косово, Петар Петковиќ и Беким Бислими,за нивната подготвеност за договор.

Според најавениот договор, специјалните сили на косовската полиција распоредени на граничните премини Јариње и Брњак ќе се повлечат истовремено со укинување на блокадите.

Овој процес ќе започне во сабота на 2 октомври во 8 часот наутро и ќе трае до 16 часот истиот ден. Пред „истовременото повлекување“, војниците на КФОР ќе бидат распоредени на овие гранични премини и ќе останат на овие позиции приближно две недели за да обезбедат безбедна и сигурна средина и слобода на движење.

Во текстот на договорот се наведува дека примената на „режимот со налепници“ ќе започне во понеделник на 4 октомври, исто така во осум часот. Ова ќе биде привремена мерка додека не се најде трајно решение.

Исто така, страните се согласија да формираат работна група со претставници од Белград, Приштина и Европската унија. Работната група ќе ја водат претставници на ЕУ, а таа ќе има за цел да најде трајно решение за регистарските таблички „врз основа на стандардите и практиките на ЕУ“.

Како што е наведено во текстот на договорот, првиот состанок на работните групи ќе се одржи на 21 октомври во Брисел.

„Во рок од шест месеци од првиот состанок, оваа работна група ќе излезе на највисоко ниво на политички дијалог со наодите за трајно решение“, стои во текстот на договорот објавен од Мирослав Лајчак.

Српската страна го прифати компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ во Ниш, откако беше објавена веста дека е постигнат договор во Брисел.

„Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение со кое сум лично многу задоволен“, рече Вучиќ, а потоа ги прочита точките од договорот.

Оценувајќи дека договорот има „добри и лоши страни“, Вучиќ посочи дека „за Србија е важно РОСУ (Специјалната полиција на Косово) да се повлече (од северот) за „да го зачуваме мирот“, рече тој.

„Од голема важност е што Европската унија официјално кажува дека следната тема во Брисел е Унијата на српски општини“, рече Вучиќ.

Вучиќ, исто така, рече дека разговарал со претставниците на Српската листа - водечката партија на Србите во Косово и дека претставниците на Србите во Косово разбрале дека ова е „најмногу што можеше да се постигне“.

Американскиот амбасадор во Србија Ентони Годфри на Твитер напиша дека договорот меѓу Косово и Србија е „одлична вест“.

„Се е можно преку сериозен и посветен дијалог“, напиша Годфри.