Загрижени сме за актуелната криза на северот на Косово, но длабоко сум убедена дека е можно да дојде до деескалација и да се најде одржливо решение, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на денешната посета на Србија.
Во исто време, претставници на Европската унија и САД во Брисел посредуваат во преговорите меѓу Белград и Приштина за решавање на кризата на северот на Косово, што настана поради спорот околу регистарските таблички.
Коментирајќи ја кризата во северно Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Србија „никогаш не ги условува разговорите“.
„Дијалогот под покровителство на Европската унија е за нас нешто што е основно и на кое сме посветени. Се надевав дека синоќа ќе постигнеме договор (во Брисел), сакам да верувам дека сме блиску до решение за моменталната криза “, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија „е целосно посветена на имплементацијата на досега потпишаните договорите под покровителство на Европската унија“.
„Српската делегација во Брисел дава се од себе и прави напори да се постигне договор, а ние даваме се од себе за да го зачуваме мирот“, рече Вучиќ.
Турнејата на Западен Балкан на Урсула фон дер Лајен и посетата на Белград и Приштина доаѓа во време кога локалните Срби на северот на Косово единаесетти ден по ред ги блокираат граничните премини Јариње и Брњак, поради спорот меѓу Србија и Косово за регистарските таблички.
По состанокот со косовскиот премиер Албин Курти, Урсула фон дер Лајен на 27 септември рече дека Приштина и Белград треба да развијат конструктивен дијалог и да ги намалат тензиите на северот на Косово.