Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој денеска беше во посета на Скопје, по средбата со премиерот Зоран Заев, на Твитер напиша дека со својот домаќин разговарале за тоа како да се придвижи напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија.
„Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, иднината на регионот е во ЕУ“, напиша еврокомесарот на Твитер.
Тој напиша дека се согласиле брзо да почнат да ги спроведуваат првите најважни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да се поттикнеме економскиот развој во Северна Македонија и регионот.
Во исто време и премиерот Заев на „Твитер“ објави дека се сретнал со Вархеји, со кого, како што напиша, отворено разговарале за неколку теми како што е економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината.
Од Европската комисија пред посетата на Вархеји на Скопје посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Посетата на Вархеји на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава исто така разговараше и за прашањето со Бугарија и неговото надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава.