Иднината на Западен Балкан е во ЕУ, реагира ЕК по текстот на Ројтерс

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев, Скопје, 28 септември, 2021

Иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија, вели портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Ернандез, во писмен одговор на Гласот на Америка на српски јазик, во врска со текстот на агенцијата Ројтерс, во кој се наведува дека во ЕУ нема согласност за членството на шесте земји од Западен Балкан. Таа вели дека европската комисија е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Албанија и Северна Македонија.

ЕУ, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, пишува новинската агенција Ројтерс. Текстот што го објави агенцијата доаѓа во исто време кога претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен е во посета на земјите од Западен Балкан.

Портпаролката на Европската комисија наведува и дека „политиката на проширување е стратешка инвестиција во стабилност и сигурност на ЕУ, како и тоа дека лидерите на ЕУ повеќе пати досега повториле, вклучително и за последниот самит во Загреб, дека се недвосмислено посветени на европската перспектива.

Државната агенција МИА јавува дека повеќе дипломати тврдат дека текстот на Ројтерс „е попесимистички од реалноста“.

Објавата на Ројтерс всушност се однесува на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ која се одржала на 15 септември објаснуваат за МИА неколку дипломатски претставништва на ЕУ во Брисел.

Додека првата верзија од Декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“, неколку земји членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.

Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Фон дер Лајен, која е во посета на регионот негираше одредени медиумски наводи дека Брисел се откажал од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и рече дека нејзината посета е „експлицитна“ порака за европската перспектива на регионот.