Државната комисија за спречување корупција(ДКСК) добила 21 пријава од граѓани за нарушување на изборната кампања. Имало пријави за забранети активности, агитирање, прерано почната кампања, злоупотреби на државни ресурси.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на денешната пред-конференција рече дека ќе побара од Владата одговорност за министрите од ДУИ, Бујар Османи и Насер Нуредни кои за работно време имале партиски активности и се возеле со службени возила од министерствата.
„Прво ќе се обидеме да ги добиеме нивните изјави дали навистина возилото е користено за партиски активности. Доколку е така, како што имавме примери и во претходните изборни циклуси, ќе испратиме до Владата иницијатива за поведување одговорност на функционери кои што го злоупотребиле односно го користеле службеното возило за партиски цели“, рече Ивановска.
Антикорупционерите ќе ги следат и трансакциските сметки на партиите, за да видат дали има нелегален прилив на пари.
Официјалната кампања за изборите започна на 27 септември, но партите месеци порано почнаа со активности на промоција на кандидати и проекти.