Кина и Русија бараат Меѓународната заедница да нема двојни стандарди за косовското прашање

граничен премин Јариње, илустрација

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска остварил средби со амбасадорите на Кина и на Русија во Белград, Чен Бо и Боцан Харченко, кои ги изнесоа ставовите на своите држави за настанатите тензии меѓу Србија и Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението од прес-службата на српскиот претседател, кинеската амбасадорка Чен му пренела на Вучиќ дека позицијата на Пекинг за Косово е конзистентна и јасна.

„Кинеската страна посветува посебно внимание на моменталната напната ситуација во северно Косово и смета дека едностраната акција не е во интерес на мирот и стабилноста во регионот. Меѓународната заедница треба рамноправно да се однесува кон сите страни, двојните стандарди не се во корист на решавање на проблемите“, изјави амбасадорката Чен.

Во соопштението се наведува дека рускиот амбасадорот Харченко рекол дека Москва со голема загриженост ја следи ситуацијата на северот на Косово.

Тој исто така, посочил дека одговорноста за кризата е на привремените институции во Приштина, кои ги кршат и не ги исполнуваат претходно потпишаните договори.

Како што се наведува во соопштението, Харченко потенцирал и дека српската страна дејствува со најголема одговорност, додека Приштина не покажува ниту еден знак дека е за барање компромисно решение.