Владата не разговарала за продолжување на пописот

илустрација

На вчерашната владина седница не се разговараше за продолжување на пописот. Последниот збор околу продолжувањето ќе го има Државниот завод за статистика, рече денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Тој на прес-конференцијата во одговор на новинарско прашање посочи дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утре вечер. Како што потенцираше, во моментов се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани, и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје.

„Последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика, информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концентрација на население“, додаде владиниот портпарол.

Тој додаде дека сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен, и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени. Оваа активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток, до 20 часот.