Претседателката на Европската комисија (EK) Урсула фон дер Лајен денеска по средбата со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев изјави дека иднината на Северна Македонија е во Европската унија (ЕУ).
„Ве сакаме покрај нас. Европската комисија и јас стоиме на тоа. Вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука и сакам да ви честитам за тоа. Сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача“, рече Фон дер Лајен.
Средбата меѓу Заев и Фон дер Лајен прво се одржа во Владата каде пристигна претседателката на ЕК, а потоа двајцата заминаа во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Заев на заедничката прес-конференција рече дека соработката со ЕУ се одвива со интензивна динамика во многу различни полиња.
„На средбата во Владата ја изразив надежта дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе ја реафирмираат декларацијата од Брдо-Крањ кога Словенија го презеде претседавањето со ЕУ за цврстата заложба за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Блокадата на овој процес не е во духот на оваа определба“, рече Заев.
Заев додаде дека блокадата на „оперативниот старт на преговорите“ се одразила негативно на целиот регион и дека е закана за довербата кон Европската унија „како кредибилен партнер.“
По денешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, утре во Скопје пристигнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.