Саакашвили ќе се врати во Грузија, премиерот тврди ќе биде уапсен

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили кој се наоѓа во Украина најави враќање во Грузија

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили рече дека ќе се врати за да ја „спаси земјата“ на втори октомври, денот кога треба да се одржат локалните избори во Грузија. Саакашвили, кој во моментов се наоѓа во Украина, рече дека планира со авион да се врати во Тблиси иако се соочува со обвинувања за кои тврди дека се политички мотивирани.

„Се решава судбината на Грузија, загрозен е и опстанокот на Грузија и затоа купив билет за вечерта на втори октомври, за да бидам со вас и да ја штитам политичката волја со вас, за да можам да учествувам во спасувањето на Грузија“, рече Саакашвили во видео објавено на негобата страница на социјалната мрежа Фејсбук.

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили рече дека полицијата ќе го уапси Саакашвили ако тој се врати во земјата.

"Кога Саакашвили ќе стапне на наша земја ќе биде уапсен и однесен во затвор“, рече Гарибашвили.

Поранешниот грузиски претседател во јуни 2018 година беше осуден во отсуство на шест години затвор поради злоупотреба на службената положба и прикривање докази за тепање на опозициски пратеник. Тензиите во Грузија меѓу владејачката партија Грузиски сон и опозициската партија која ја поддржува Саакашвили се високо од парламентарните избори лани за кои опозицијата тврди дека се нерегуларни.