Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе допатува во посета на Република Северна Македонија. Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата. Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде што, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино Фросина на заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК фон дер Лајен. Во годишното обраќање за состојбата на Европската унија пред парламентот на ЕУ, Фон дер Лајен ја повтори својата поддршка за интеграција на регионот во ЕУ, велејќи дека тоа е обврска за младите луѓе кои веруваат во европскиот сон. Според претседателката на ЕК, ЕУ и Западен Балкан секогаш ќе бидат посилни заедно. „Ова им го должиме на младите луѓе, кои веруваат во европската иднина. Ги зголемуваме инвестициите во Западен Балкан за околу една третина од бруто домашниот производ на регионот. Инвестирањето во иднината на Балканот е инвестиција за ЕУ “, рече таа.
Ескобар: Има начини да се деблокира македонската интеграција во ЕУ
Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија. Како што беше најавено во Брисел, Фон дер Лајен утре ќе ги посети Косово, Црна Гора и Србија, а ден подоцна, Босна и Херцеговина. Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.