Фејсбук денеска објави дека го прекинува развојот на детската верзија на апликацијата за споделување фотографии на Инстаграм, по широката критика и загриженост дека платформата може да му наштети на менталното здравје на младите луѓе.
Одлуката за одложување на апликацијата за деца под 13 -годишна возраст доаѓа кога Фејсбук се соочува со последиците од серијата „Волстрит Журнал“, која откри дека компанијата, според нивните сопствени истражувања, знаела за штетата што Инстаграм може да им ја нанесе на тинејџерките.
Објавата на Фејсбук следува само неколку дена пред сведочењето на еден од нивните директори на сослушувањето што го организираа американски сенатори за да ги испитаат „токсичните ефекти на Фејсбук и Инстаграм врз младите“.
- Тик-Ток во Македонија: Меѓу ризикот и забавата
- Фејсбук криел студија дека Инстаграм влијае на самоубиствени мисли кај младите
Шефот на Инстаграм Адам Мосери изјави дека проектот кој е наменет за деца и има за цел да се создаде верзија на апликацијата под надзор на родителите, е погрешно разбран.
„Се уште цврсто верувам дека е добро да се изгради верзија на Инстаграм која е дизајнирана да биде безбедна за младите луѓе. Но, ние сакаме да одвоиме време за да разговараме со родители, истражувачи и експерти за безбедност и да постигнеме повеќе консензус за тоа како да одиме напред“, рече шефот на Инстаграм, Адам Мосери, за „NBC Today“.
Во писмената изјава, тој истакнува дека „подобро е родителите да можат да им овозможат на своите деца пристап до верзијата на Инстаграм што е наменета за нив“.
Иницијативата со неофицијалното име „Инстаграм деца“ предизвика критики од различни групи откако се појавија извештаи за нејзиниот развој на почетокот на оваа година.
Во мај, група американски сенатори побараа од Фејбук компанијата да ја прекине својата презентација, обвинувајќи ја фирмата „дека не ги заштитила децата на своите платформи“. Неколку американски пратеници одобрија да се стават проектите во мирување, но некои побараа целосна суспензија.