Шефот на црногорската полиција: Во Цетиње беше употребена пропорционална сила

илустрација, демонстрации против устоличувањето на митрополитот Јоаникије во Цетиње

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, изјави дека за време на демонстрациите во Цетиње поради устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква, Јоаникиј, била употребена пропорционална сила.

„Употребата на сила беше пропорционална, секој поединечен случај ќе се испита сам за себе. Според мое мислење, настаните во Цетиње се последица на лошата политичка клима, недостаток на дијалог, брутален конфликт на повеќе фронтови што можеше да доведе до загуба на човечки животи. Тоа беше она од што се плашев тој ден “, рече Секуловиќ на расправата на собраниската комисија за безбедност .

Секуловиќ, исто така, изјави дека ова е една од најризичните ситуации од аспект на безбедноста и нагласи дека полицијата не ги пречекорила своите овластувања за време на интервенцијата.

Во меѓувреме владини претставници од безбедносниот сектор констатираа дека протестите во Цетиње на 4 и 5 септември против устоличувањето на митрополитот биле настан од висок ризик, но дека се поминало без сериозни последици.

Од друга страна, опозицијата ги обвинува властите дека користеле прекумерна сила во Цетиње, против демонстрантите, како што се употреба на солзавец, гумени куршуми и шок бомби.

Вицепремиерот Дритан Абазовиќ, обраќајќи им се на членовите на Комитетот за безбедност, изјави дека настаните во Цетиње поминале без жртви и сериозни повреди од двете страни. Абазовиќ процени дека секое друго сценарио тој ден ќе отворело огромни конфликти во Црна Гора.