Шатори со капацитет да згрижат 2.500 лица ќе бидат поставени во деловите погодени од земјотресот на Крит, а во поширокиот регион е прогласена вонредна состојба, соопшти министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис кој од утрово е на островот и додаде дека повредени се 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
„Заедно со градоначалникот, префектот и целиот тим на локалната самоуправа решивме да се постават шатори за сите семејства и сите луѓе кои не треба вечерва да се вратат во нивните домови. Можеме да згрижиме 2.500 лица“,изјави Стилијанидис и додаде дека за нив приоритет се човечките животи и да се избегне луѓето да ја поминат ноќта во објекти за кои постои сомнеж дека не се безбедни.
Во исто време, преку бројот за итни случаи 112 на Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, беше испратена порака до жителите на Крит да бидат претпазливи.
„Предупредувачка порака од Министерството за климатска криза и цивилна заштита. Силен земјотрес во вашиот регион, со континуирана сеизмичка активност. Не влегувајте во објекти што имаат било каква штета од земјотресот. Останете во состојба на готовност и следете ги упатствата на властите“, пишува во пораката.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот „Твитер“ профил напиша дека целиот државен механизам е во состојба на готовност за да помогне во справувањето со последиците од земјотресот на Крит, изрази сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Земјотресот беше регистриран во 9 часот и 17 минути по локално време со епицентар на копно, 23 километри северозападно од градот Арви, што се наоѓа јужно од Ираклио, животот го загуби едно лице, а надлежните, на терен ја проценуваат материјалната штета. Во истиот епицентар, беа регистрирани низа други земјотреси, а за пет часа имаше осум земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше со јачина од 4,8 степени.