Унгарија потпиша договор со Газпром за испорака на гас

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто

Унгарија потпиша нов долгорочен договор за снабдување со гас со рускиот енергетски гигант „Газпром“, кој е под државна контрола. Будимпешта минатиот месец соопшти дека се договорила со Москва за сите услови за да стапи на сила новиот долгорочен договор за снабдување со гас од 1 октомври.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на крајот на август рече дека времетраењето на договорот со Газпром ќе биде 15 години, со клаузула за промена на купените количини по 10 години, додавајќи дека и цената е договорена.

„Газпром ќе испраќа 4,5 милијарди кубни метри природен гас во Унгарија годишно“, рече Сијарто.

Според него, ќе се се користат две рути, при што 3,5 милијарди кубни метри ќе доаѓаат преку Србија и 1 милијарда кубни метри преку Австрија.