Албанскиот премиер Еди Рама за време на посетата на Косово изјави дека земјата има целосно право по прашањето на реципроциетот со Србија и воведувањето времени регистерски таблички за возилата кои влегуваат од таа држава. На зедничката прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти, тој порача дека дијалогот е единственото решение за сите спорови. Според Рама, реакциите на Белград на испраќањето косовски специјалци на граничните премини заради спроведување на одлуката за времени таблички се „театрални“.
„Еден од приоритетите на Албанија, како полноправна членка на ООН, ќе биде поттикнувањето на формалното признавање од сите. Србија треба да ја прифати таа реалност и за жалење се театралните воени маневри на Србија на суверената граница на Косово. Тие маневри не ги штитат српските граѓани, северот на Косово, како што претендира раководството на официјален Белград или духовите на поразената војска во војната пред 20 години, небаре се кренале од гроб со претензијата дека се брани интегритетот и безбедноста на српските граѓани во Косово“, рече Рама.
Тој додаде дека ставот на Албанија останува непроменет и дека Косово е во право.
„Треба да се води сметка со специјалните единици, да не се предизвика проблем меѓу Косово и меѓународните пријатели. Албанија е убедена дека единствено решение е дијалогот. До премиерот (Кури) и до Владата е како ќе ја третираат оваа чувствителна ситуација, но ова е и можност да се каже дека е потребен рамноправен дијалог“, рече Рама.
Посетата на Рама следи по поканата што неодамна му ја упати Курти, кога му честиташе за неговиот трет избор за премиер на Албанија.