Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема фер пазарна економија, нема квалитетно образование, каде што дипломите се заслужуваат, а не се купуваат, нема ни квалитетно здравство, ниту доверба во институции, изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски на свечениот научен собир „Современата македонска држава- две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година во МАНУ.
„Во корумпирана држава нема доминантен систем на општествени вредности за да се исчекори напред. Второ, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели што треба да се уништат меѓу себе и во која не може да се постигне консензус за ниту едно битно прашање. И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит, умира на рати. А, каде завршија парите од тие кредити-дали во инфраструктура, во подигање на квалитетот на јавното здравство. Факт е дека голем дел од овие средства отидоа во апсолутно непродуктивни трошоци“, рече Црвеновски.
Според него, корупцијата, длабока поделеност на општеството и голема задолженост се основните проблеми на државата. Тој го повика актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во претседателски кабинет на Црвеновски да покрене иницијатива за национална платформа, која ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно исполнување. До платформата, како што порача Црвенковски, би требало да се придржуваат сите политички субјекти, независно од тоа дали се на власт или во опозиција.
Црвенковски порача и дека треба да се направи разлика меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој истакна дека Преспанскиот договор го смета за помало зло, кое затворило едно прашање, додека договорот со Бугарија ја отворил Пандорината кутија.