Брнабиќ: ЕУ не прави ништо по прашањето за Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ

ЕУ во моментов „не прави ништо, или прави многу малку“ по прашањето за Косово, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Немам ништо добро да кажам за однесувањето на Европа, за однесувањето на ЕУ и пред се мислам дека тоа (договорот од Брисел) е прашање на ЕУ. Нивниот потпис е на бриселскиот договор“, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк.

Според неа, договорот е јасно прекршен на Косово, бидејќи северот на Косово не смее да има специјални единици на РОСУ, а ниту девет години по тој договор не е формирана Заедницата на српски општини. Таа порача и дека Брисел молчи за кршењето на договорот.

„И тогаш (ЕУ) кажа на еден од состаноците во Њујорк каде што бев, „што би можеле да сториме за да дојде до деескалација? Па, можете да го почитувате својот збор, можете да го направите тоа. За почеток, по речиси девет години, да кажете ,,кога сте гарант на Бриселскиот договор, да ја гарантирате неговата имплементација, а она што во моментов го имаме ќе исчезне за пет минути“, рече Брнабиќ.

Брнабиќ оцени дека разговорот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг не бил пријатен и дека косовскиот премиер Албин Курти „сонува“ да ги протера Србите од Косово. Според неа, ситуацијата треба да се врати на состојбата пред доаѓањето на специјалните косовски сили на Јариње и потоа да се седне и да се разговара.