Од денеска трета доза вакцина, без термин и на сите вакцинални пунктови

Вакцинација

Министерството за здравство информира дека почнувајќи од денеска, со трета доза вакцина може да се вакцинираат, здравствените работници, граѓаните над 60 години, и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена сoстојба, а кај кои има поминато 6 месеци од примената ревакцина.

Во текот на минатата седмица, според соопштението, јавните здравствени организации биле информирани дека здравствените работници независно од возраста, може да примаат трета доза вакцина, во кој било од вакциналните пунктови во земјава.

Трета доза вакцина, како што се наведува, може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем Мој Термин.

Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација.