Ескобар доаѓа во Брисел на разговори поради ситуацијата на северот на Косово

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар неделава ќе пристигне во Брисел за да разговара со европските партнери за актуелната ситуација во северно Косово. Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпарол на Стејт департментот за РСЕ, додавајќи дека: „Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан“.

Седми ден протести во северно Косово, надлетуваат српски воени авиони, војската ја зголеми борбената готовност

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички. Бројни Срби од северно Косово оттогаш ги блокираа патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш. Приштина ја усвои новата мерка откако истече петгодишниот договор на 15 септември, според кој Косово се согласи да ја продолжи валидноста на регистарските таблички издадени од српските власти за градовите на Косово.