Борел - Ја следиме ситуацијата во северниот дел на Косово, провокациите се неприфатливи

Косовски специјалци на граничниот премин Јариње со Србија

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на северот на Косово и им порача на двете страни дека сите дополнителни провокации или еднострани и некоординирани дејствија се „неприфатливи“.

„Србија и Косово мора безусловно да ја деескалираат ситуацијата на терен со итно повлекување на специјалните полициски единици и отстранување на блокадите на патиштата“, изјави Борел во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Тој истакна дека Србија и Косово мора да најдат решение за да ја смират ситуацијата и да се договорат како да се оди напред, а ЕУ „активно ќе ги поддржи тие напори“.

„И косовските и српските лидери се целосно одговорни за секој ризик по безбедноста и благосостојбата на заедниците во Косово и во Србија. Го истакнав тоа во моите повици до претседателот Вучиќ и премиерот Курти оваа недела“, вели Борел.

Тој нагласи дека дијалогот со посредство на ЕУ останува единствената платформа каде што се разговараат и решаваат сите отворени прашања меѓу страните, вклучително и прашања поврзани со слободата на движење и регистарските таблички, порачувајќи дека „силно ги повикува Косово и Србија да го искористат“.

Пристигнувањето на двајцата главни преговарачи во Брисел во наредните денови е првиот позитивен чекор, изјави Борел, додавајќи дека е клучно тие да дојдат со мандат да разговараат за тоа како да продолжат понатаму и да најдат одржливи решенија што се во интерес на граѓаните.

„Повторуваме – очекуваме и Косово и Србија да се вратат на подобрување на околностите кои водат кон помирување, регионална стабилност и соработка за доброто на своите граѓани. Ова е клучно за постигнување сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на нивните односи, што е неопходно и за двете страни да напредуваат на својот пат кон ЕУ“, изјави Борел.

Тој изјави дека е во контакт со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кого му се заблагодари за вонредната соработка меѓу КФОР и Еулекс.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.