Четири Палестинци убиени во судирите со израелските војници на Западниот Брег

Архивска фотографија: Протести на Палестинците на Западниот Брег

Израелските војници убиле најмалку четири Палестинци рано утринава во оружените судири за време на апсењата во окупираниот Западен Брег.
Како што наведе израелската војска, целта била апсење припадници на Хамас на пет локации.

Тројца вооружени Палестинци биле убиени во селото Бидо кај Рамала, а еден кај Џенин, јавуваат палестинските медиуми.

Палестинците наводно отвориле оган кон израелски војници во селото Буркин, каде што израелските сили опколиле една куќа за време на апсењата.

Израелската војска влегла и во градот Беит Фаџар јужно од Витлеем и Хеброн.

Судири имало и во селото Беит Анан северно од Ерусалим каде што биле ранети двајца Палестинци.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет рече дека биле апсени припадници на Хамас кои планирале изведување терористички напади во непосредна иднина.

Портпаролот на израелската војска рече дека во апсењето учествувала елитната воена контратерористичка единица, полицијата, граничната полиција и припадници на безбедносните служби.

Ова се најкрвавите судири меѓу израелските сили и палестинските екстремисти на Западниот Брег во изминатите недели.

Екстремистичкото движење Хамас, кое владее со другата палестинска територија – Појасот Газа, соопшти дека денешните убиства се „резултат на продолжувањето на соработката“ на меѓународни признатата палестинска управа, која владее на Западниот Брег, и израелската влада. Хамас се финансира од Иран.

Израел го освои Западниот Брег во 1967 година и во наредните децении таму основа десетици еврејски населби во кои живеат скоро половина милион еврејски доселеници. Палестинците бараат Западниот Брег да биде дел од нивната идна држава, а еврејските населби ги сметаат за пречка за решавање на судирите со Израел.