Премиерот Зоран Заев денеска рече дека очекува исчекор во односите со Бугарија по завршувањето на локалните избори во Македонија на 17 октомври, како и парламентарните избори во Бугарија кои треба да се одржат на крајот на ноември.
„Очекуваме зелено светло во Бугарија, се надевам час поскоро, најскоро во декември да може да го направиме следниот получекор – првата меѓувладина конференција“, рече Заев, додавајќи дека потоа следува скрининг процесот, па отворањето на кластерите.
Тој повтори дека градењето пријателство треба да оди билатерално, сите следни чекори што ќе ги преземаме ќе бидат со давањето поддршка од страна на Бугарија кон Македонија за нашиот европски пат.
Заев рече дека со блокадата на македонските евроинтеграции, Бугарија го прекршила договорот за добрососедство меѓу двете земји.
„Сега можеме да живееме ние со блокадата уште 27 години, како што беше со Грција. Тоа зависи како ќе одлучиме сите ние, или како што ни кажува нашиот народ, барем по истражувањата и тоа што стои, мудри политики водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, изнаоѓајќи ги европските начини како да продолжи нашата земја да се движи кон европското семејство заради европските вредности“, истакна премиерот Зоран Заев.