Косовските Срби шести ден по ред протестираат незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на граничните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарските таблички. Како што објави РТС, два авиони на Војската на Србија во два наврата околу пладне прелетаа над областа во близина на административниот премин Јариње, како и попладнево уште еднаш.
Појавувањето на авионите предизвика аплауз од насобраните, кои извикуваа „Србија, Србија“, објави РТС.
Во изминатите неколку дена, над областа кај Јариње прелетаа и хеликоптери на Војската на Србија.
„Од четврток, три хеликоптери МИ-35 ќе ја надлетуваат областа веднаш до административната линија во близина на преминот Јариње од страна на централна Србија“, потврдија вчера од Министерството за одбрана.
Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека МВР и неговите единици и Војската на Србија се подготвени да одговорат на секоја ескалација, но и дека ќе сторат сè за да избегнат какви било конфликти и сè да биде мирно, нагласувајќи дека вооружените единици на Приштина мора да се повлечат од северот на Косово.
„Србија има право со хеликоптери да го контролира секој дел од нејзината територија до административната линија, и тоа се наши редовни активности. Се разбира, сега нашиот интерес за таа област дополнително се зајакна и загрижени сме што вооружени луѓе стојат спроти невооружени цивили“, изјави министерот Вулин во утринската програма на ТВ Прва.
Ноќеска биле запалени објекти во Зубин Поток и Звечан на северот на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.
Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.