Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска соопшти дека непознати лица претходната ноќ го запалиле Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток, а дека со експлозив е извршен напад врз Центарот за цивилна регистрација во Звечан.
КоССев пренесува дека Свечља на Фејсбук напишал дека тие кривични дела имаат „терористички елементи“.
„Овие кривични дела најдобро покажуваат што би се случиле на граничните премини Јариње и Брњак да не се присутни Специјалните единици за обезбедување на редот и сигурноста“, напиша Свечља.
Тој исто така ги повика жителите на северот на Косово да ги почитуваат законите и да не дозволуваат да бидат манипулирани од оние кои имаат „материјална користи само благодарејќи на тензиите“.
Косовските медиуми претходно објавија дека бомбата на регистрацискиот центар во Звечан наводно ја фрлиле Срби „кои не прифаќаат реципроцитет за регистарските таблички“.
Денеска е петти ден од блокадата на Србите од северно Косово на патиштата кај Брњак и Јариње поради одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки.
Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.