Американскиот претседател Џо Бајден вчера во Белата куќа им беше домаќин на лидерите на Австралија, Индија и Јапонија за да го зацврстат сојузот во подем, познат како Четворката (Квад), кој има заедничка загриженост поврзана со Кина.
Самитот на нагласи потребата за слободен, стабилен и отворен Индо-Пацифички регион.
Иако Кина не беше спомената во јавните забелешки од четворицата лидери, се очекуваше Пекинг да биде на врвот на агендата, со оглед на тоа што Вашингтон го обновува својот стратешки фокус на Индо-Пацифичкиот регион.
Лидерите на Квад претходно годинава одржаа онлајн средба, но ова е прв собир во живо.
Бајден, кој често зборува за борбата на демократиите против автократии во Русија и Кина, на состанокот кажа дека Четворката е на фронтот на многу глобални предизвици.
Формулацијата „слободен и отворен Индо-Пацифик“ навестува заедничка загриженост за зголеменото кинеско економско и воено влијание во регионот, особено за слободата на пловидба и за воената експанзија на Пекинг во Јужното Кинеско Море.
Во заедничката изјава по разговорите, четворицата лидери соопштија дека се посветени на „промовирање на слободниот, отворен поредок базиран на правилата вкоренети во меѓународното право и брз страв од принуда“.
„Ние се залагаме за владеење на правото, слобода на пловидба и прелетување, мирно решавање на споровите, демократски вредности и територијален интегритет на државите“, соопштија тие.
Претходно, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан ја критикуваше Четворката.
„Затворена, ексклузивна клика насочена кон други земји е спротивна на трендот на времето и аспирациите на земјите од регионот. Таа нема да наиде на поддршка и е осудена на неуспех“, рече тој на брифинг со новинарите.
Самитот доаѓа една недела откако САД и Велика Британија објавија нов пакт за безбедност со Австралија, вклучувајќи договор за обезбедување подморници на нуклеарен погон за Канбера.
Франција ги отповика своите амбасадори во САД и во Австралија обвинувајќи ја администрацијата на Бајден дека ѝ забила нож во грб со тоа што овозможила откажување на милијарди вредниот договор за набавка на подморници од Франција.
Сепак, тензиите се намалија по телефонскиот разговор меѓу Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон во кој се договорија да преземат чекори за поблиска координација во Индо-Пацификот.