Наставничка - антивакцерка од Марибор добила отказ од работа

Илустрација: Градската куќа во Марибор

Наставничка од едно основно училиште во Марибор добила отказ зашто одбила да се вакцинира или тестира за ковид-19, што е прв таков случај во Словенија, откако владата ги заостри противепидемиолошките мерки во третио бран на епидемијата.

Словенечките медиуми вчера објавија дека наставничката привремено била отстранета од работа од почетокот на школската година зашто одбивала неделен тест и носење маска во училница, што е задолжително според одлуката на Министерството за образование, пренесува Хина.
Таа има право на жалба за решението за престанок на работниот однос во рок од две недели.

Медиумите пренесуваат дека наставничката активно делувала во активакцерска група која неодамна упадна во студио на информативна програма, барајќи да се престане со „пропагандата“ за владината кампања за вакцинација, а во видео-снимки што ги објавуваше на Фејсбук ги наговараше родителите да не ги праќаат децата во „режимски и фашистички училишта“.

Директорката на училиштето Катја Прегл за мариборскиот весник Вечер изјави дека отказот на наставничката ѝ е врачен поради кршење на работните обврски зашто одбивала да носи маска во затворен простор, како и дека не го исполнувала таканаречениот ПВТ услов (прележани, вакцинирани, тестирани), кој е задолжителен за вработените во училиштата.

Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави дека ПВТ условот веќе дава резултати зашто бројот на новозаразени во последните денови стагнира. Тој најави дека заострениот ПВ услов (само прележани и вакцинирани), кој од 1 септември се применува во државната управа, ќе биде проширен на сите ако бројките на новозаразени и хоспитализирани продолжат да растат.

Вработените во потесен дел на државната управа, ако не прележале ковид-19 во изминатите шест месеци, ќе мора да се вакцинираат со прва доза од вакцината до 1 октомври и со втора доза најдоцна до 1 ноември. Во спротивно нема да може да доаѓаат на работа во службените простории. Синдикатите и вработените во државната управа протестираа против таа одлука, а до Уставниот суд се поднесени над 200 предлози за поништување на таа владина мерка.