Заклучно до вчера до 12 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435 илјади домаќинства и над 600 илјади станови, а се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората.
Државниот завод за статистика (ДЗС) од денеска, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.
Портпаролот на Владата Муамет Хоџа на вчерашната прес-конференција апелираше до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани да го сторат тоа.
Јасмина Ѓоргиева од ДЗС на прес – конференција појасни дека граѓаните кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, од денеска ќе можат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.
Таа додаде дека влегуваме во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуваат сите пописни кругови, ги проверуваат и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.
Пописот, кој официјално започна на 5 септември, ќе трае до 30 септември.