Досегашниот градоначалник и кандидат за втор мандат на општина Петровец Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ е осомничен за злоупотреба на службената положба и перење пари. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против пет физички и правни лица за злоупотреба на службена должност, перење пари и злоупотреба на постапката за јавни набавки во општина Петровец.
На прес конференција овој случај го опишаа вицепремирот Љупчо Николовски и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми. Според информациите кои ги соопштија криминалата шема ја пријавил вицепремиерот за борба против корупцијата кој добил анонимна претставка за сомневање за злоупотреба на службената положба, по што целата документација во јуни ја испратил до до Управата за финансиска полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Кривичната пријава до обвинителството ја поднесе финансиската полиција која истражувала како од 2102-та до 2018-та градоначалникот потпишал 24 фиктивни фактури во вредност од половина милион евра на фирмите чијшто вистински сопственик е неговиот брат.
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, информираше дека до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднеле кривични пријави против пет физички и три правни лица.
„Третопријавенот во својство на инжинер на надзор, четвртопријавенот во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ-БА“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чолак топ“ ДОО Батиници и петопријавениот, во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје“, појасни Муареми.
Против овие лица, посочи Муареми, постојат основи за сторени кривичи дела за „злоупотреба на службената положба и должност“, „поттикнување злоупотреба на службената положба“, „злоупотреба на постапка за јавно приватно партнерство“, „помагање“ и „перење пари и други приноси“.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата.
„Министерот за корупција Љупчо Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата во изборни цели, злоупотребувајќи ист предмет за кој што Јавното обвинителство за организиран криминал водено од Вилма Русковска уште во период 2017-2018 година го има истражено, и констатира дека нема криминал и за тој случај нема постапка“ се вели во соопштението.
Русковска - Наскоро обвинение за Рашковски
Во него е посочено дека Николовски во својство на генерален секретар на СДСМ организира политички прогон за предмет кој е одбиен од Обвинителство со што при распишани избори и потврдени кандидатури, прави притисок во функционирањето на општината и на градоначалникот, и поднесува кривични пријави за предмет за којшто Русковска пред четири години потврдила дека нема дело.
Николовски на новинарско прашање на прес-конференцијата отфрли политички реваншизам во случајот.
„ Прво нити го знам човекот, нити ги знам луѓето, и тоа е доказ дека за отворено и траспарентно и неселективно постапување“ одговори Николовски.
Од владејачката СДСМ во писмена реакција посочуваат дека кандидатите на Христијан Мицкоски за градоначалници не можат да понудат ништо освен деструкција и враќање на режимот. Во соопштението е наведено дека најголем дел од нив се луѓе на Никола Груевски, луѓе кои се обвинети за кривични дела кои, како што се посочува, Мицкоски лажно ги претставува како чесни и нови лица.
„Меѓу нив е и актуелниот градоначалник и кандидат на Мицкоски за општина Петровец, против кого денеска е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Но, ова не е единствен пример за криминално однесување на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за градоначалници“, се вели во партиското соопштение.