САД: Напаѓач во супермаркет уби едно лице, а рани 12

Тенеси е една од неколкуте држави што ги ублажи ограничувањата за купување оружје претходно оваа година. (Фото: Местотот на пукањето, пред супермаркетот Крогер во предградието Мемфис, Тенеси, САД. 23 септември 2021 година.)

Едно лице е убиено, а 12 се повредени во масовна престрелка во супермаркетот Крогер во американската сојузна држава Тенеси, потврди полицијата.

Нападот се случи во четвртокот попладне на 23 септември, во Колиервил, 56 километри источно од градот Мемфис, а полицајците од соседните окрузи пристигнаа во продавницата Крогер за да помогнат во истрагата.

Напаѓачот потоа бил пронајден мртов на местото на настанот, а постои сомневање дека извршил самоубиство нанесувајќи си прострелна рана.

„Моето срце е скршено што морам да застанам пред вас. Тоа е најстрашниот настан што се случил во историјата на овој град“, изјави на прес -конференција началникот на полицијата во Колирвил, Дејл Лејн, по пукањето.

Возилото за кое се верува дека припаѓа на напаѓачот се уште е на паркингот, рече Лејн. Тој додаде дека инспекторите чекаат дополнителна опрема за безбедно прегледување на автомобилот.

Лејн рече дека во супермаркетот имало 44 вработени и неопределен број на купувачи, пишува Ројтерс. Некои ранети луѓе претрпеа многу сериозни повреди.

„Најдовме луѓе кои се криеја во замрзнувачи и во заклучени канцеларии. Тие трчаа, се криеја, се бореа", рече Лејн истакнувајќи дека еден вработен бил спасен од покривот на зградата од страна на полицијата.

Полицијата не го идентификуваше напаѓачот, ниту даде информации за какви било можни мотиви. Се проверуваат наводите дека напаѓачот можеби бил вработен во Крогер.

Ова не е прво масовно пукање во продавница оваа година во САД.

Во март, маж нападна луѓе во супермаркет во Болдер, Колорадо, при што загинаа 10 лица, вклучително и полицаец.

Тенеси е една од неколкуте држави што ги ублажи ограничувањата за купување оружје претходно оваа година.

Според најновото правило потпишано од републиканскиот гувернер, на повеќето возрасни лица над 21 година им е овозможено да носат пиштоли без да минат низ проверка.