Северна Кореја: Рано е да се прогласи крај на Корејската војна

Конфликтот во Корејската војна траеше три години и заврши во 1953 година со примирје, а не со мировен договор.

Повикот на Јужна Кореја официјално се да прогласи крај на Корејската војна е преран, бидејќи не постои гаранција дека тоа ќе доведе до повлекување на „американската непријателска политика“ кон Пјонгјанг, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА цитирајќи го министерот за надворешни работи Ри Тае Сонг.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во вторникот го повтори повикот за официјално завршување на Корејската војна во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации и предложи двете Кореи да направат декларација заедно со САД и Кина.

Јужна и Северна Кореја технички се уште се во војна, откако конфликтот меѓу нив кој траеше од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор.

„Ништо нема да се промени се додека политичките околности околу ДНРК останат непроменети, како и американската непријателска политика, иако крајот на војната е прогласен стотици пати“, рече Ри за КЦНА користејќи го официјалното име на Северна Кореја: Демократска Народна Република Кореја.

„Главниот приоритет за стабилизирање на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и обезбедување мир на него е повлекување на непријателската политика и политиката на двојни стандарди на Соединетите држави.“

Во обраќањето во вторникот на Генералното собрание на ОН, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД сакаат „трајна дипломатија“ за решавање на кризата околу нуклеарната и балистичката ракетна програма на Северна Кореја.

Северна Кореја ги отфрли американските напори за дијалог, а шефот на агенцијата за атомски надзор на ОН оваа недела изјави дека нуклеарната програма на Пјонгјанг е „со полна брзина“.

Северна и Јужна Кореја тестираа балистички ракети истрелани минатата недела, што е еден од најновите потези во трката за вооружување во која двете земји имаат развиено се пософистицирано оружје, во услови на неуспешни напори да започнат разговори за смирување на тензиите.