Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, денеска изјави дека го повлекол нацрт -законот за внатрешни работи од процедура по иницијатива на претседателот Александар Вучиќ. Предлог законот беше остро критикуван од опозицијата и професионалната јавност, а Вулин рече дека со повлекувањето сакал „да се избегне крв на улиците на Белград “.
„Преку разузнавачка работа дојдовме до информации дека неколку странски западни разузнавачки служби, преку нивната агенциска мрежа во медиумите, невладините организации и политичките партии, извршија медиумска подготовка за организирање насилни протести насочени кон дестабилизација на Србија“, изјави Вулин во писмената изјава доставена до медиумите од МВР.
Како што пренесува МИА Вулин во изјавата додава дека законската регулатива за поставување камери што ќе препознаваат лица и силуети е немерлива во помошта на полицијата да решава убиства и најтешки злосторства, но дека ова решение е нападнато од „сите западни невладини организации и нивните финансиери и клиенти“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека причината поради која „го замолил министерот Вулин“ да го повлече нацрт-законот за внатрешни работи е „формална“, бидејќи, како што рече, до изборите имало уште шест месеци и дека таков важен закон не е добро да се донесе во овој период.