ВМРО-ДПМНЕ попладнево во соопштение реагира дека пристапот на премиерот Зоран Закон кон прашањето со Бугарија бил „неодговорен, несовесен, ненаучен и игнорантски“, надополнет со „нула однос и емоција кон идентитетот и историјата на нашата земја“.
Од опозициската партија наведуваат дека се сомневале оти овие потези на Заев биле за да се наметне темата со Бугарија во кампањата за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. На тој начин, тврдат од таму, актуелниот премиер се обидувал да им каже на странците кои, како што наведуваат, веќе кренале раце од него, дека се ќе прифател за да го спасувале на избори.
„А, не сфаќа Заев дека тука гласаат граѓаните на оваа земја, и дека меѓународниот фактор веќе го запознаа многу добро, знаат се што се случува и што се прави овој човек, и нема повторно да паднат на неговите измами, едноставно нема да бидат вовлечени. Ако гледате Заев очајно бара кавга на етнички и национални теми, и за негова жал веќе сите го читаат и се чудат до кај е спремен да оди. И сега е најопасен за себе и за јавноста“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе се брише придавката „бугарски“ од спомениците и од учебниците во кои сега пишува „бугарски фашистички окупатор“ затоа што фашизмот нема етничка боја. Тој рече дека целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички. На новинарско прашање дали ќе се брише и германскиот и италијанскиот окупатор тој не кажа конкретно, туку додаде дека имало соработници со фашистичкиот окупатор и овде во Македонија.