„Адора инженеринг“ по пат на јавна лицитација за 9,3 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“ и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација“ АД, која е во стечај.
Како што соопшти компанијата, со оваа купопродажба успешно завршила стечајната постапка и се отворало ново поглавје во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија.
„Важен позитивен аспект од оваа зделка што ја одлучи судбината на досегашниот загубар „Топлификација“ АД, е што регулираниот бизнис со производството на топлинската енергија ќе биде во рацете на сигурна компанија со целосно домашен капитал и менаџмент“, наведува „Адора“.
Заменик-генералниот директор и одговорен за деловниот развој, Душко Чифлиганец, рече дека овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името „Адора Енерџи Солушн“, а менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси.