Се препорачува трета доза на вакцина против ковид-19 за луѓето над 60 години, како и за здравствените работници и за хронично болните, без разлика на која возраст се, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Третата доза ќе биде од Фајзер, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано со две дози.
Во државата вчера пристигаа 100 илјади дози од вакцините на Фајзер и 50 илајди од Синовак.
Министерот за здравство најави и дека земјата може да добие донација од Данска од 250 илјади дози вакцина од производителот Џонсон, кои досега ги немало во земјава.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 778.408 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31 процент од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Филипе најави дека наскоро ќе се објави планот за тестирање на ученици со брзи антигенски тестови. Тој вели дека има одредена трансмисија во училиштата, многу мала, но сакаат да направат скрининг на состојбата, поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители.
Во врска со големата смртност како последица на ковид, министерот рече дека ќе се прави една поголема анализа, но дека за тоа е потребно време.