Светската здравствена организација објави дека и пониските нивоа на загадување на воздухот се штетни за здравјето на луѓето. Во новите упатства за квалитетот на воздухот, ажурирани за прв пат по 15 години, оваа агенција на ОН наведе дека 90 проценти од светската популација веќе живее во области со барем еден исклучително штетен вид загадувачки материи. СЗО објави ревидирани упатства за квалитетот на воздухот во време кога климатските промени се водечка тема на сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Загадениот воздух ги напаѓа белите дробови, но и мозокот на децата
Од последното ажурирање на препораките на СЗО, подобриот надзор и науката овозможија појасна слика за глобалните ефекти на шесте водечки загадувачи на воздухот врз здравјето на луѓето. Се проценува дека изложувањето на загаден воздух ќе предизвика седум милиони предвремени смртни случаи секоја година и ќе влијае врз здравјето на многу поголем број луѓе. СЗО наведува дека загадувањето на воздухот сега може да се спореди со другите глобални здравствени ризици како што се нездравата исхрана и пушењето цигари.