Претседателот Стево Пендаровски кој учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19 порача дека ниту една земја не може сама да ја запре пандемијата. Според него, потребно е земјите да соработуваат да се поддржуваат едни со други и да запомнат дека Ковид-19 не е под контрола никаде се додека не е под контрола секаде.Тој порача и дека Северна Македонија ги поддржува заедничките глобални цели кои беа презентирани денес од страна на Претседателот на САД, Џо Бајден, и ги смета истите за клучни за да се запре оваа закана.
„Вакцинацијата ширум светот, без одлагање, е од клучно значење. Додека јас зборувам, 55% од населението во Северна Македонија веќе е вакцинирано со барем една доза. Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70% од населението до крајот на оваа година. Меѓутоа, за да ја достигнеме оваа цел на глобално ниво што е можно поскоро, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини. А, во исто време, треба да се бориме со деструктивните ефекти од лажните вести и кампањите за дезинформација со ширење на вистина и транспарентност“, рече Пендаровски.
Според него, вакцинацијата сама по себе не е доволна.
„За да го излечиме светот, мораме да поставиме основи на поотпорен, интегриран, праведен и инклузивен глобален здравствен систем кој ќе ни помогне да спречиме, откриеме, реагираме и закрепнеме од какви било идни пандемии или други глобални здравствени закани. Само со тоа што ќе се издигнеме повторно и ќе се вратиме назад подобри ќе осигураме дека никој не е запоставен“, додаде тој.
Виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19: Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната е организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.