Специјалниот претставник на Европската унија Мирослав Лајчак изрази загриженост за ситуацијата на северот на Косово, по одлуката на владата во Приштина да воведе мерки за реципроцитет со регистарските таблички за возилата што доаѓаат од Србија.
„Загрижен сум и повикувам на итна деескалација. Важно е да се намалат тензиите, да се врати мирната атмосфера и да се дозволи слобода на движење “, напиша Лајчак на Твитер.
Тој потврди дека денеска за ситуацијата на северот на Косово ги известил амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Лајчак ја повтори подготвеноста на европските институции да „ги олеснат разговорите за сите отворени прашања во Дијалогот“.
Инаку, во понеделникот на 20 септември на два гранични премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, беа распоредени припадници на Специјалната единица на косовската полиција.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељал Свечља објасни дека косовското МВР донело одлука со која се уредува и се обврзува да се обезбедат привремени регистарски таблички за сите возила со српски регистарски таблички.
Граѓаните од северно Косово се собраа на граничните премини за да изразат незадоволство од воведувањето на реципрочни мерки за регистарските таблички.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска по седницата на Советот за национална безбедност, изјави дека Србија бара повлекување на косовските полициски трупи од северот на Косово.
Косовските власти сметаат дека одлуката е во согласност со договорот од Брисел.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Договорот за слобода на движење меѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година. Според договорот, укинати се српските таблички со ознаки на градовите во Косово, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) К.М. (Косовска Митровица), односно овие возила требаше да бидат пререгистрирани во РКС или КС.
И покрај овој договор, во четири општини на северот на Косово каде што живее мнозинско српско население, граѓаните секогаш возат автомобили со српски градски регистарски таблички издадени од Србија.
Од друга страна, граѓаните на Косово не можеа без трошоци да влезат на територијата на Србија со таблички РКС, односно мораа да ги заменат со пробни, па затоа Косовскиот договор ги обврза да издаваат регистарски таблички на КС уште пет години, што беше прифатено од Србија.
Според одлуката на владата на Косово, сите возила со српски регистарски таблички мора да земат тест таблички на граничните премини, кои чинат пет евра и важат 60 дена.