Вкупно 522 луѓе се реинфицирале со ковид-19 од почетокот на пандемијата заклучно со 19 септември, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Од реинфицираните, една е втора реинфекција, односно еден човек по третпат се заразил со корона.
Во текот на минатата недела биле пријавени 23 реинфекции.
Во извештајот се наведува дека минатата недела се регистрирани вкупно 3340 новозаразени со ковид-19 од вкупно 28.972 тестирања. Половина од новозаразените се од Скопје. Регистрирани се заболени на сите возрасти, а најзастапена е возрасната група над 60 години.
Минатата недела во споредба со неделата претходно има зголемување на новозаразените на возраст од 0 до 9 години и во возрасната група од 10 до 19, односно на деца и тинејџери. Во првата група зголемувањето е за 50 отсто, а во таа од 10 до 19 за 8,2 отсто.
Во тој период починале 154 луѓе како последица на ковид-19.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според извештаите од болниците, хоспитализирани се 852 луѓе, од кои 596 се на кислородна поддршка.
Заклучно со 18 септември во државата, пак, се вакцинирани вкупно 771.301 лице со најмалку една доза на вакцина. Најмногу од нив се вакцинирани со кинеските вакцини Синовак и Синофарм. Дадени се околу 450 илјади дози Синовак и околу 300 илјади на Синофарм. Потоа околу 541 илјада дози на Фајзер, 116 илјади дози на АстраЗенека и околу 45 илјади дози Спутник Ве.
Не е соопштена информација колку од вакцинираните се заразиле со ковид-19.
Досега во земјата се регистрирани 187 илјади случаи на коронавирус, скоро 168 илјади луѓе оздравеле, а починале 6472 луѓе. Во моментов има 12.786 активни случаи.