Министрите од Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија деновиве ќе се сретнат со претставник на Иран во Обединетите Нации за да побараат продолжување на замрзнатите преговори за заживување на нуклеарниот договор од 2015-та година, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.
„Преговорите мора да се рестартираат. Времето работи против потенцијална спогодба. Треба да ја искористиме оваа недела за да ги продолжиме овие разговори“, рече вчера Ле Дриан.
Разговорите меѓу Иран и светските сили за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за ублажување на санкциите се неактивни од јуни годинава, кога Иран го избра тврдокорниот претседател Ебрахим Раиси. Европската унија посредува во напорите меѓу Иран и светските сили за заживување на договорот, кој се влошува откако САД се повлекоа од нив во 2018 година.
Британија и Соединетите Држави изразија фрустрираност поради застојот на разговорите. Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус пред состанокот со нејзиниот ирански колега Амир Абдолахијан во Њујорк, изјави дека Британија, САД и другите партнери се посветени на договорот, но оти Иран секој ден продолжува да ги одложува разговорите, додека ја засилува сопствената нуклеарна програма, што значи дека има помалку простор за дипломатија.