Трет дуел на Заев и Мицкоски

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе, пописот, и изборите беа тема на вечерашниот дуел меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5. Заев повика да не се користи трагедијата во Тетово за дневнополитички поени.

Тој повтори дека прво ќе ги чека резултатите од истрагата, па потоа ќе донесе одлуки за оставките понудени од функционерите за здравство и директорите на тетовската болница. Заев го осудува постојаното инсистирање на опозицијата за оставка на министерот Венко Филипче.

Мицкоски во текот на дуелот го обвини за трагедијата наведувајќи дека модуларната болница била пуштена во употреба без соодветен документ. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не е потребна само морална, туку и кривична и политичка одговорност. Заев на тоа возврати дека тоа се лаги искажани исклучиво за политичко профитерство.

„Желбата за власт да го прави човек толку политички профитер ви личи само вам. Вие сте и истражител и судија и обвинител“, му рече Заев на Мицкоски.

Тој побара од Заев да одговори дали има правилник за модуларните болници во Министерството за здравство, кој е проектант на овие контејнери, дали се сите модуларни болници вака поставени и како бил обезбеден приклучок за електрична енергија.

Ова е трет дуел на лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски.