Нема потреба од промена на моделот на настава, согласно податоците за заразени ученици, студенти и деца во предшколска возраст, а намалена е и инциденцата на ширење на вирусот, сметаат од Комисијата за заразни болести. Во државата со мали исклучоци во некои градови каде што имаше поголем број на заразени, наставата почна со физичко присуство.
За 40 проценти е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август, покажува последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје.
Во епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје опфатени се и децата од предшколска и школска возраст, како и популацијата што е на факултет.
Најмалку заразени има на возраст од 0 до 9 години, односно само 3,9 отсто од позитивните во државата се на таа возраст.
Во Скопје има 139 заразени основци, 70 средношколци, 72 студенти и 28 деца во претшколска возраст.
Во Куманово, има 5 заразени основци, 8 средношколци, 18 студенти и 3 деца во претшколска возраст.
Во Штип се заразени 5 основци, 8 средношколци, 3 студенти и 2 деца од претшколска возраст.
По 2 заразени деца од претшколска возраст има и во Велес и Ресен и 1 дете е заразено во Прилеп.
Од популацијата во основно, во Велес и Ресен има по 5 ученици, 6 има во Струмица и Кавадарци, а 8 во Прилеп. Средношколци позитивни на ковид има 3 во Велес, 7 во Кавадарци, 4 во Прилеп и 2 во Струмица. И од академската популација заразени со вирусот се 6 во Велес, по 2 во Кавадарци и Прилеп и по 3 во Струмица и Ресен.