Кацаров: антиваксерите кои нападнаа лекари да бидат изведени пред суд

вакцинација против ковид во мобилна амбуланта во Софија

Бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров побара антиваксерите кои вчера го нападнаа медицинскиот тим на мобилната станица за вакцинација во Варна да бидат изведени пред суд.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Кацаров коментирал дека медицинските лица од Варна биле принудени да ја прекинат вакцинацијата. Тој додаде дека бугарските здравствени власти нема да дозволат медицинските лица да бидат навредувани и понижувани затоа што совесно ја вршат својата работа и спасуваат животи.

Вакцинацијата против Ковид-19 во Бугарија е доброволна и секој одлучува дали ќе се вакцинира или не.

Министерот за здравство на Бугарија, исто така, коментираше дека властите во земјата не принудуваат никого да се вакцинира, но нема да дозволат организирани групи антиваксери да ги спречат оние што сакаат да бидат имунизирани. Речиси 5.000 луѓе се во болници, а 390 се во многу сериозна состојба во одделите за интензивна нега во бугарските болници со тешка форма на Ковид-19, додавајќи дека повеќе од 95 проценти од нив се невакцинирани.

„Како министер за здравство, го повикувам обвинителството да го испита случајот и доколку се утврдат докази за кривично дело, сторителите да се изведат пред лицето на правдата“, рече Кацаров.