Ципрас: Мицотакис да ги ратификува меморандумите, а С.Македонија да го спроведе својот дел од договорот

Поранешниот грчки премиер и актуелен лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас на Самитот на „Економист“ во Скопје

Мицотакис не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија, бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамки на Меѓународниот саем, коментирајќи дека сето ова е во корист на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

„Едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на Северна Македонија од грчки воени авиони, а другите се договори со економска содржина, кои кога ти, што се поволни за тебе, не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова“, рече Ципрас.

На втори април 2019 година тогашниот грчки премиер Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев се сретнаа во владата во Скопје. Министрите од двете земји потпишаа три меморандуми за интензивирање на билатералната соработка кои произлегуваа од Договорот од Преспа. Летото истата година се смени власта во Грција, па премиер стана Мицотакис од Нова демократија, партија која кога беше опозиција жестоко се противеше на договорот од Преспа.

Меморандумите од 2019 година, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор, се уште не се ратификувани од грчка страна.

Лидерот на СИРИЗА на денешната прес конференција порача дека и Северна Македонија мора да го спроведе својот дел од договорот и ги спомена трговските ознаки, учебниците, како и спортските здруженија, а како пример ја зема Фудбалската федерација, за која рече дека „не може да се вика поинаку од Фудбалска федерација на Северна Македонија“.

„Кој ќе ги притисне да го спроведат ова? Кога немаш храброст да ги донесеш за гласање, за ратификација трите меморандуми, бидејќи имаш пратеничка група која се плашиш да не ја загубиш. Толку е слаб и кукавица“, коментираше Ципрас за Мицотакис.

Инаку Договорот од Преспа е потпишан на 17 јуни 2018 година. Го потпишаа тогашните министри за надворешни работи од двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, а како главни носители се сметаат македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас. Со договорот се стави крај на повеќедеценскиот спор за името меѓу Скопје и Атина поради кој јужниот сосед од 2008 година го блокираше членството на земјава во НАТО.