Парада на гордоста во Белград под мотото „Љубовта е закон“

Белград- учесниците на Парадата на гордоста побараа надлежните да донесат закон за истополови заедници

Под мотото „Љубовта е закон“ вчера во главниот град на Србија Белград се одржа Парада на гордоста. Целта на парадата е ЛГБТИ заедницата во Србија да ги покрене во јавноста прашањата за насилството и дискриминацијата, а едно од главните барања на овогодинешниот настан е усвојување на законот за истополови заедници. Барањата на парадата беа прочитани пред зградата на владата и на парламентот.

"Од Собранието бараме пратениците да дигнат рака и да го усвојат законот, а од претседателот бараме да го потпише бидејќи е во согласност со Уставот“,рече Горан Милетиќ, еден од организаторите на парадата на гордоста.

Кума на Парада на гордоста беше пејачката Наташа Беквалац.

"Не сум тука да ја поддржам ЛГБТИ заедницата, туку да кажам дека сум дел од неа. Ова е ден за сите кои веруваат дека љубовта е закон, а дека слободата е се. За мене постои само еден закон, а тоа е љубов. Среќна Парада на гордоста, чест ми е да шетам со вас, за сите нас и за подобро утре", рече Беквалац.

Настанот беше обезбеден од многу полицајци. Кордоните полиција не дозволуваа пристап до учесниците на парадата за време на прошетката низ центарот на Белград попладнето и за време на забавата која се одржа вечерта.

Белград- полицијата ги спречи десничарските групи да стигнат до местото на кое синоќа учесниците на Парадата на гордоста одржаа забава

Во центарот на градот истовремено со парадата се одржа и протест на десничарските организации именуван како „Антиглобалистички собир“. На тој собир, кој беше против мерките за спречување на ширењето на ковид19 и вакцините, се слушнаа и навреди и закани упатени кон ЛГБТИ заедницата, а беше запалено и знамето на оваа заедница. Неколку десетици учесници на десничарскиот собир се обидоа да пријдат до паркот во кој се одржуваше забавата на учесниците на Парадата на гордоста, но полицијата ги спречи, по што тие ја маваа со јајца.

Првата Парада на гордоста се одржа во Белград во 2001 година и беше прекината поради насилство од десничарските и хулигански групи. Од 2014 година до денес успешно се одржуваат ненанисилни паради во главниот српски град.