Се урива првата од трите галии во Вардар

Скопје- се урива една од трите галии во Вардар, 18.09.2021

„Првата од 3-те галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата“, ова го објави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на својот официјален Фејсбук профил постирајќи фотографии од уривањето. Галииите во центарот на Скопје беа поставени во реката Вардар од централната и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како дел од проектот Скопје 2014 со кој се измени изгледот на центарот на главниот град.

Во 2011 година Советот на Град Скопје донесе Одлука за спроведување на постапка за доделување на право на поставување урбана опрема за вршење угостителска дејност на Кејот на реката Вардар со која беа предвидени условите за давање на право на угостителите да ги постават овие објекти во времетраење од 30 години, за што треба да плаќаат надомест на Градот Скопје.

Градоначалникот Шилегов, кој како кандидат на СДСМ ја презема градската власт во 2017 година, неколкупати најавуваше отстранување на галиите, но тврдеше дека тоа не може да го реализира поради правни пречки поврзани со наемниците на просториите во галиите.

На денешното уривање реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Рушењето на Галијата е чист предизборен маркетинг на Петре Шилегов. Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво“, наведуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а Шилегов кој истера еден мандат како скопски градоначалник е повторно кандидат на владејачката СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со свој кандидат туку ја поддржаа претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска која се кандидира како независна. Покрај нив двајца за градоначалничката функција на главниот град ќе се натпреваруваат и десет други кандидати, некои од помалите партии, а некои независни.