Путин, Рама, Филипче...
МАКЕДОНИЈА - Околу илјада граѓани денеска одржаа протестен марш низ улиците на Тетово, барајќи целосно расчистување на случајот со пожарот во модуларниот ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе. Протестот, кој беше најавен на социјалните мрежи, почна на градскиот плоштад, каде беа засадени 14 дрвца, во спомен на жртвите во трагедијата. Дел од нив подоцна се обиделе насилно да влезат во седиштето на ДУИ, но полицијата ги спречила.
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази уверување дека предизборниот процес ќе биде во согласност со највисоките демократски стандарди, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Претседателот.
МАКЕДОНИЈА - Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат големи потешкотии да ја реализираат наставата во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.
БЕЛОРУСИЈА - Група од 23 меѓународни и белоруски невладини организации започнуваат кампања со која се бара ослободување на седум членови на белорускиот центар за човекови права Вјасна, кои беа приведени како дел од пошироката акција против граѓанското општество по претседателските избори минатата година.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека од октомври онаму каде се барало потврда за само една доза вакцина, ќе се бара сертификат за целосна имунизација, со две дози. Според него, за други рестрикции засега не се размислува.
РУСИЈА - Апликација Паметно гласање, креирана од рускиот опозициски активист Алексеј Навални, која има за цел да ја урне доминацијата на владејачката партија Единствена Русија, исчезнала од Епл и Гугл на истиот ден кога Русите почнаа да гласаат на националните парламентарни избори.
АЛБАНИЈА - Албанскиот парламент ја одобри новата влада во која доминираат жени по пет месеци од одржувањето на парламентарните избори и убедливата победа на Социјалистичката партија која му овозможи на премиерот Еди Рама трет мандат. Дванаесет од 17 министри и државни секретари се жени, со што земјата се искачи на врвот на глобалната ранг листа според процентот на жени кои се на функции во кабинетот.
АВГАНИСТАН - Лидерите на Шангајската организација за соработка предводена од Русија и Кина имаа средба во главниот град на Таџикистан, а во фокусот не разговорите беа регионалните последици од меѓународното воено повлекувања од Авганистан и враќањето на Талибанците на власт.