Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази уверување дека предизборниот процес ќе биде во согласност со највисоките демократски стандарди, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Претседателот.
Вучиќ денеска ги прими членовите на Европскиот парламент и медијаторите во меѓупартискиот дијалог, организиран пред претстојните претседателски, парламентарни и белградски избори објавени за август 2022 година.
Во соопштението се наведува дека Вучиќ изразил доверба дека предизборниот процес ќе биде во согласност со општата политика за сериозен и одговорен пристап кон еден од најважните процеси во функционирањето на државата.
Според соопштението, соговорниците посочиле дека е од голема важност да се применат резултатите од дијалогот и тие изразиле посебна подготвеност да помогнат во предизборниот процес за да се спроведе она што е договорено.
Втората фаза од меѓупартискиот дијалог под покровителство на српскиот парламент и со посредство на Европскиот парламент, ќе се одржи на 17 и 18 септември во Палатата на Србија.
Претходно, медијаторите од Европскиот парламент испратија нацрт -работен документ за условите за подобрување на изборните услови во Србија.
Мнозинството опозициски партии оценија дека документот не содржи конкретни предлози за подобрување на изборните услови, поради што Партијата на слободата и правдата, Демократската партија, Движењето на слободните граѓани, Да не го удавиме Белград, Движењето за промени и Заедно за Србија, им ја испратија својата верзија на условите за спроведување слободни и фер избори, на медијаторите на ЕП.