Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат големи потешкотии да ја реализираат наставата во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.
Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во паралелка да се премине на комбинирано учење односно физичко присуство и онлајн-настава.
„Итно да се реши проблемот со обезбедување на училиштата и општините кои се надлежни и задолжени за овој проблем тоа итно да го решат. Да се ослободат наставниците од секојдневните дежурства предвидени за период на учење со физичко присуство за време на пандемија“, наведува Наставничкиот пленум во барањата пратени до МОН и министерката Мила Царовска.
- Училниците во „Димитар Македонски“ остануваат празни
- МОН - 0,02 % наставници и ученици се заразени од Ковид 19
Министерката Царовска пак денеска изјави дека процентот на новозаразени во училиштата вчера бил 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто. Според министерката Мила Царовска, тоа укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но доколку Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, МОН ќе го примени.
„Министерството за образование и наука е во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информира на состаноци на Главниот координативен штаб за состојбите во училиштата. Многу е значајно училиштата последни да се затворат, а први да се отворат и ова не е паушална изјава што ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации УНИЦЕФ и ОЕЦД кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, меѓу кои е и нашата, изјави Царовска“, додавајќи дека Владата одговорно ги следи сите инструкции, искуствата од другите држави и дека се утврдени и антиковид-протоколи.