Група од 23 меѓународни и белоруски невладини организации започнуваат кампања со која се бара ослободување на седум членови на белорускиот центар за човекови права „Вјасна“, кои беа приведени како дел од пошироката акција против граѓанското општество по претседателските избори минатата година.
Според соопштението, кампањата „СлободаВјасна“ е иницирана на истиот ден кога групите за човекови права ја одбележуваат годишнината од започнувањето на „бесрамниот лов на вештерки“ од страна на белоруските власти против Вјасна со приведување на координаторката на организацијата Марфа Рабков.
„Во следните месеци, шест други членови на организацијата за човекови права беа ставени зад решетки и обвинети за „неосновани“ кривични дела за извршување на нивната легитимна работа за човекови права“, се вели во заедничката изјава.
Кампањата, како штос е наведува, има за цел да ја истакне и маката на стотици други луѓе кои беа „гонети и затворени исклучиво за остварување на нивните права за мирно собирање и слобода на изразување“, откако на спорните претседателски избори во август 2020 година авторитарниот лидер Александар Лукашенко го доби шести мандат.
Владата на Лукашенко води војна против граѓанското општество и безмилосно ги потиснува сите форми на несогласување, рече Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија на Хјуман Рајтс Воч.
„Клучните меѓународни актери треба да ги здружат силите за да побараат итно и безусловно ослободување на членовите на Вјасна и другите затворени активисти и да дадат се од себе за да помогнат и заштитат белоруското граѓанско општество“, порача тој.
Организациите за човекови права ги повикаа луѓето да се приклучат на кампањата.