Ивановска: За граѓаните корупцијата е препознатлива, но мал дел пријавуваат

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска

Директорката на Државна комисија за спречување на корупцијата Биљана Ивановска денеска изјави дека се е подготвено за локалните избори. Во функција, како што рече, е веб-апликација за пријавување на нерегуларности, како и апликација од регистарот на службени возила, со која се набљудува нивната злоупотреба.

„Имаме обезбедено набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во неколку градови. Првпат оваа година имаме тројца аналитичари, економисти кои ќе ги сумираат резултатите од набљудувачите“, рече таа за време на гостувањето во Утрински Брифинг.

Таа додаде и дека во рамки на ИПА проект е обезбедена програма, преку која граѓаните ќе можат да пријават корупција.

„Голем дел од граѓаните, на анкетни прашања одговорија дека корупцијата е препознатлива и луѓето не сакаат да ја има. Но, многу мал процент од луѓето би се охрабриле да пријават“, додаде Ивановска и ги охрабри сите кои имаат свои забелешки да пријават, но и да се придржуваат до Законот за укажувачи.

Според неа, со цел да биде овозможено дискретен начин на пријава потребна е соработка и со Народниот правобранител и Министерството за внатрешни работи.

Во однос на оставката на министерот за здравство Венко Филипче, Ивановска порача дека во јавноста се прави забуна меѓу оставка од морален аспект и професионална одговорност.

„Можеби затоа оставката на министерот за здравство, Венко Филипче ни се чини задоцнета, меѓутоа е понудена и треба да се прифати“, рече Ивановска.

Филипче понесе пишана оставка до премиерот Зоран Заев по пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Заев рече дека ќе почека да заврши истрагата па потоа ќе донесе одлука дали ќе ја прифати истрагата.